Top Sport

Пак финиш за инфаркт, Македонија е подобра и од Црна Гора (видео)

Со одличен пресврт во второто полувреме, Македонија ја запиша втората победа на ЕП во Хрватска, совладувајќи ги Црногорците со 29:28 за да се пласира во втората фаза на ЕП во Хрватска и како првопласирани да го чекаме мега-дуелот со Германија.

Почнавме одлично откако поведовме со 4:2, но потоа Црногорците се вратија со серија од 4:0 за да го преземат водството. Дуелот остана израмнет и понатаму, а успеавме да се вратиме до еден гол негатива (10:11), по што на крајот Црногорците имаат предност од 16:15.

По добрата форма, по 20 минути стигнавме до израмнување, по одличната акција на Кирил Лазаров и Талески, пред Георгиевски да постигне гол за израмнување.  Додека во нападот бевме релативно добри, дефанзивата не ни беше најдобра страна, како и формата на нашите голмани.

На стартот на второто полувреме, Црногорците ја одржуваа предноста, а по 35 минути игра имаа и два гола предност (18:16).

Потоа, конечно дојдоа нашите минути, од 39. до 44. минута, со три гола успеавме да направиме предност од два гола (19:21), со двата гола на Кузмановски, еден на Талески и еден на Манасков.

Во 47. минута повторно фантастичен потег на нашите репрезентативци, откако Георгиевски фантастично го проигра Филип Лазаров за предност од 23:20, за веднаш потоа Манасков да донесе +4.

Малиот пад на концентрацијата, Црногорците го искористија и со головите на Вујовиќ и Анѓелиќ дојдоа на само еден разлика (26:27), пред Филип Миркуловски, чиј настап беше неизвесен, да ја врати разликата на два гола.

Жарко Пејовиќ во 58. минута од мечот грубо го фаулираше Кузмановски за да добие директен црвен картон, оставајќи ја македонската репрезентација со играч повеќе до крајот. Како и во мечот со Словенците, Филип Лазаров погоди кога беше најпотребно за одржување на предноста од два гола (29:27), пред Борко Ристовски да ја има најдобрата одбрана за да спречи кам-бек на Црногорците.

 

Scroll to Top