Ракометарите на германскиот ракометен шампион Рајн Некар Левен, во неделата, во рок од само неколку часа, забележаа два порази. Рајн Некар одигра меч во Лигата на шампионите и меч во Бундеслигата. Овој единствен случај во историјата на ракометот се случи поради не баш добрите односи на Европската ракометна федерација и Бундеслигата.
Челниците на Рајн Некар, откако не успеаја, да издејствуваат поместување на натпреваорт против Кјелце во Лигата на шампионите, решија во Полска да настапат со аматерскиот тим, а бундеслигашкото дерби против Кил да го одигра најдобриот тим.
Кјелце, во првиот осмина-финален натпревар во Лигата на шампионите, лесно се справи со аматерите на Рајн Некар, забележа победа 41:17 (21:8) и веќе се пласира во наредната фаза.
Во четврт-финалето полскиот шампион ќе игра против ПСЖ.
Во Будеслигата, бранителот на трофејот и лидер на табелата Рајн Некар гостуваше во Кил, одигра лошо прво полувреме и на крајот претрпе пораз 27:22 (17:9).
Македонскиот репрезентативец Филип Талески речиси и да не доби шанса. Два пати во средишницата на првиот дел доби шанса да заигра во одбраната.
Екберг го предводеше Кил со шест гола, а голманот Ландин имаше 11 одбрани. На спротивната страна најефикасни беа Пекелер и Сигурдсон со по четири гола.
И покрај поразот Рајн Некар остана лидер на табелата со две победи повеќе од Фуксе Берлин и Фленсбург.