Ракометната репрезентација на Македонија успешно ја одработи генералката пред заминувањето на Европското првенство во Хрватска. Македонија вечерва, во Белград, ја победи Србија 32:29 (14:13).
Македонија речиси рутински во пријателскиот дуел ја победи Србија, која држеше приклучок и имаше неколку пати и предност во првото полувреме. Србите отворија со предност 3:1 која ја одржуваа до 16.минута кога Македонија ја стекна првата преднотс (5:6).
Србија водството го врати во 26.минута (12:11), но до крајот на полувремето Ојлески и Стоилов креира пресврт за водство 13:14 по првите 30 минути.
Во второто полувреме Македонија најчесто одржуваше предност од еден до два гола, а избраниците на Раул Гонзалес го прекршија дуелот во 49.минута кога Лазаров погоди за највисока предност во тој момент (21:25).
Србите на пет минути до крајот се доближија на 26:28, но немаа сили целосно да ја оспорат победата на Македонија.
Најефикасен кај Македонија на овој мече беше Гоце Георгиевски со осум гола.
Ракометарите вечерва се враќаат во Скопје каде ќе продолжат со тренинзи до заминувањето за Хрватска.
Првиот меч на континенталното првенство ќе го имаат на 13 јануари против Словенија.