Црна Гора продолжи со фантастичната игра на Европското првенство во Унгарија и Словачка, откако со 32:26 ја декласираа Хрватска во првиот меч од втората фаза, а пак прва ѕвезда на црногорскиот тим беше голманот Небојша Симиќ.
Голманот на германскиот Мелзунген имаше дури 14 одбрани во текот на мечот и призна дека не му се верувало дека имаат таков меч.
„Знаев дека сме способни за вакви мечеви, но неверојатно е кога ќе го одиграш натпреварот. Не ми се верува дека игравме со толку самодоверба. Некои акции ниту на тренинг не ги подготвувавме. Бев во толку голем шок, што по мечот ги прашав соиграчите дали ова беше реалност. Јас? Го правам тоа само поради љубовта кон татковината и поддршката од навивачите. Имам чувство дека на социјалните мрежи беше цела Црна Гора. Да се почуствува таква љубов е само дополнителна мотивација. Во ниту еден меч не сме фаворити, но играме како да сме. Нема да сопреме тука“, изјави Симиќ.