Top Sport

Стоилов и Талески во изборот за „Ол стар“ тимот на ЕП

ЕХФ ја објави листата од 40 играчи кои конкурираат за место во идеалниот тим на Европското првенство кое се игра во Хрватска. Идеалната седумка плус најдобриот дефанзивец ќе бидат избирани од страна на навивачите и стручњаците на ЕХФ, додека овие вторите ќе одлучуваат кој ќе ја понесе МВП наградата.

ЕХФ на секоја позиција постави пет имиња, а гласањето ќе трае до сабота во 13 часот. Најдобриот тим ќе биде прогласен во последната емисија на ЕХФ ЕУРО 2018 в недела од 17 часот.

Вкупно 11 репрезентации имаат свои играчи меѓу номинираните. Франција, Данска, Шведска, Норвешка и Шпанија имаат по петмина ракометари, Хрватска четири, а со две имиња во изборо за тимот на првенството партиципира и Македонија. Тоа се Стојанце Стоилов и Филип Талески.

ЕХФ играчите ги номинираше по неколку параметри: бројот на настапи, постигнати голови, игра во дефанзивата, број на блокови, асистенции, реакции во клучни моменти.

За најдобар пикер во изборот покрај Стоилов се наоѓаат и Бјарте Мирхол (Норвешка), Адријан (Фугуерас (Шпанија), Блаж Благотиншек (Словенија) и Јеспер Нилсен (Шведска).

Конкуренти на Талески во изборот за најдобар лев бек му се Микел Хансен (Данска), Уладзислау Кулеш (Белорусија), Борут Мацковшек (Словенија) и Симон Јепсон (Шведска).

фото/http://cro2018.ehf-euro.com

Scroll to Top