Македонија, синоќа, ја забележа најзначајната победа во циклусот квалификации за пласман на Европското првенство во 2020 година. На дебито на селекторот Данило Брестовац, Македонија во Рејкјавик го победи Исланд 34:33.
Драматичниот меч го реши Дејан Манасков во последната секунда, тој промаши седмерец, но ја прифати одбиената топка и ја смести во голот на Густафсон.
Исланд по цели 13 години загубија меч на домашен терен, а главен „виновник“, според десното крило Арнор Гунарсон, бил пикерот на Македонија, Стојанче Стоилов.
„Недозволиво е на домашен терен да примиме 34 гола. Игравме лошо во одбраната, на почетокот бевме добри потоа не. Самите видовте, имаат пивот од 140 килограми, кога тој ќе ја прими топката на линијата не можете да се одбраните. Тешко е да се игра против него, непредвидлив е“, рекол Гунарсон стрелец на седум гола на овој натпревар.
Инаку, Стоилов мечот го заврши со четири гола.
Македонија и Исланд в недела, во Скопје (20 часот), ќе го одиграат реваншот.