Top Sport

Целта на Алкалоид е да игра европски ракомет, Алкалоид избра потежок пат, но тоа е за доброто на Македонија

По повод успешната сезона во која се освои првиот трофеј во Купот на Македонија, како и трите младински титули, РК Алкалоид одржа завршна прес-конференција пред медиумите на која ги сумира впечатоците.

Претседателот Горан Минов, тренерот Кирил Лазаров, како и капитенот Игор Ѓорѓиев имаа свој осврт на сезоната која беше оценета како успешна имајќи ги предвид постигнатите резултати, обезбедениот пласман во Европа, како и напредокот на нашите играчи во сите категории.

„Го одбравме потешкиот пат, но бараме разбирање и поддршка и веруваме дека пред нас се многу други предизвици. Минатата сезона завршивме како втори и обезбедивме место во Европа, се испробавме и брзо увидовме дека се уште не сме кадарни за победи на такви натпревари. И покрај тоа, успеавме да остварим прва историска победа над Ла Риоха. Првиот дел од сезоната го одигравме доминантно, а потоа во Купот во период од 72 часа ги победивме најконкурентните два тима во Македонија, Еурофарм Пелистер и Вардар.

Тој успех е голем за нас и носи голема сатисфакција, тоа е патот по кој треба да продолжиме и тоа ќе не води напред. Завршивме на трето место во Лигата и повторно излегуваме во Европа. Повторно ќе играме во ЕХФ Европскиот куп, натпреварување кое мислам дека е најдобро за нас. Посебно ми е мило што остваривм успеси во младинските категории. Апелирам до раководството на клубот што повеќе да вложува во овие категории, бидејќи тоа е иднината на македонскиот ракомет. Им порачувам на останатите клубови да не гледаат конкуренти во нас, ги повикувам да инвестираат во млади играчи. Само така ќе го задржиме ракометот да биде спорт број еден во нашата земја“, рече на прес конференцијата тренеот Кирил Лазаров.

На настанот РК Алкалоид се раздели со двајца ракометари, тоа се голманот Виктор Василевски и Дарио Кофилоски. Клубот им посака среќа во иднина и многу успех во кариерите со врамени дресови.

Подготовките за новата сезона на Алкалоид се предвидени да стартуваат на 25 јули.

Scroll to Top