Европскиот ракометен шампион, Вардар ги комплетираше натпреварите по групи во Лигата на шампиони, по тесниот меч со Висла Плоцк, кој во СЦ „Јане Сандански“ заврши без победник со 1:1.
Иако Висла натпреварите во групата А ги заврши како претпоследна, во Скопје се покажа како жилав противник, откако имаше водство во првото полувреме, а во второто не дозволи „црвено-црните“ да се одвојат со поголема предност.
На крајот, Вардар патува во четврт-финалето како првопласиран во групата пред Нант и Барселона, меѓутоа нема победа во последните два меча од ЛШ по поразот на гостувањето кај Нант. Вардар во 14 натпревари по групи, оствари 9 победи, имаше 3 ремија и 2 порази (еден од Нант и еден од Барселона).
Висла направи разлика од три гола во првото полувреме (7:10), пред Вардар преку Карачиќ и Дибиров да се врати на 12:12, за на полувремето се отиде со 16:16. Шампионите во второто полувреме играа постабилно и направија предност од 27:24, која требаше да биде доволна за постабилен крај.
Сепак, полскиот тим успеа да игра стабилно во одбраната и да израмни на 27:27, по што се играше гол за гол. Вардар имаше шанса за победа во последните секунди кога обидот на Стојанче Стоилов го одбрани голманот Борбели.
Лука Циндриќ беше најдобриот стрелец за Вардар со седум гола, шест додаде Игор Карачиќ, додека три имаа Мораеш и Шишкарев. Кај гостите Жилберто Дуарте беше во топ-форма со 10 гола, а седум имаше Пржемислав Крајевски.
Вардар за пласман на Фајнал 4 ќе мора да го мине четврт-финалето, кое се игра во средината на април.
Фото: ЕПА