Селекторот на ракометната репрезентација на Словенија, Веселин Вујовиќ, во пресрет на Европското првенство се соочува сериозни проблеми.
Словенија на почетокот на неделава остана без Матеј Габер, кој поради фрактура на ногата отпадна од списокот, а крајно е неизвесен настапот и на Доленец, односно Хенигман.
„Лошо ни започна новата година, повредата на Габер ни ги урива плановите, а исто така не знаеме и дали Доленец и Хенигман воопшто ќе ги имаме во тимот. Знаете, ова е како Македонија да дојде на ЕП без Стоилов, Лазаров и Миркуловски… Наредните денови ќе донесат разврска. Доленец в понеделник ќе биде на прегледи во Барселона, потоа ќе биде донесена конечната одлука за неговиот настап. Хенигман се чувствува малку подобро, но се ближи почетокот на првенството, неизвесно е дали ќе биде подготвен. Тој сѐ уште не тренирал со тимот. Не сакам да бидам погрешно сфатен, не се жалам, ќе се обидам со оние што ќе ми бидат на располагање да го остварам посакуваниот резултат“, рекол Вујовиќ.
Словенија е во група со Македонија на Европското првенство. Меѓусебниот дуел ќе го одиграат на 13 јануари во Загреб.