Веселин Вујовиќ, поранешниот тренер на Вардар, а сега селектор на Словенија, во колумна за специјализираниот ракометен портал „balkan-handball.com“, го анализира вчерашниот ден на 26.Светско првенство во ракомет.

За нас интересен е делот во кој Вујовиќ пишува за македонската репрезентација. Македонија, вчера, во третото коло во Б-групата беше поразена од Хрватска (22:31).

Пред мечот Вујовиќ порача дека Македонија е тактички подобра селекција од Хрватска, на лија страна е индивидуалниот квалитет. Во колумната тој пишува дека балканското дерби не понудило ништо, односно дека Хрватите ја продолжиле традицијата на големите натпреварувања да ја победуваат Македонија.

„На македонските им фалеше се, потонаа. Раул како повеќе да не е тука. Иако секогаш делува опуштено на клупата на репрезентацијата и на клупата на ПСЖ, јас таков однос не одобрувам, без оглед на тоа за каков стручњак се работи. Имам впечаток дека тој со душа чека ова да заврши за да може да и се посвети на својата работа во Париз, како Македонија да му е попатна станица“, пишува Вујовиќ.

Поранешниот тренер на Вардар анализирајќи го натпреварот пишува дека покрај одличниот голман Шего, Хрватите го имале и расположениот Дувњак кој „под конец“ ја држел играта на својата репрезентација.

„Хрватите играа добро во одбрана. Но тука им помогнаа Македонците со својата тактика седум на шест, со двајца пикери. Им овозможија на Хрватите својата висока, цврста и бавна одбрана да ја вратат позади“, пишува селекторот на Словенија во дел од колумната.