Top Sport

За малку! Македонија и Германија се израмнети! (видео)

Македонија одигра рамноправно со актуелниот европски шампион, Германија за да обезбеди 25:25 реми со големиот победник, откако во финишот на мечот имавме и шанса за голема победа, само доколку влезеше одличниот обид на вистинскиот „воин“, Стојанче Стоилов.

Македонските момци од почеток до крај беа израмнет противник на Германците, а на моменти дури и подобри од нив, но на крајот нерешениот резултат е реален и со него го имаме првото место, а покрај тоа „носиме“ и три поени во втората рунда во Вараждин, каде што не чекаат репрезентациите на Данска, Чешка и Шпанија.

Искуството на Филип Талески во Бундеслигата се покажа клучно и тој беше нашиот најдобар стрелец со 6 гола, Дејан Манасков и капитенот Кирил Лазаров имаа по 5, додека на голот конечно во вистинско издание го видовме Борко Ристовски со 12 одбрани, вклучувајќи ја и клучната во финишот на натпреварот.

Македонија имаше одличен старт, и по осум минути игра, предводени од Пешевски и Кузмановски имавме предност од 5:2, а Волф двапати му одбрани на Гоце Георгиевски за да спречи поголема предност.

Исто така тогаш ја имавме можеби најубавата акција на првенството, со фантастичен „цепелин“ на Кирил Лазаров и Гоце Георгиевски, нешто што не остана незабележано и од ЕХФ.

Меѓутоа, по два удари во пречката (Лазаров и Георгиевски), Германците се враќаат во игра, повторно благодарение на Волф, кој брани пенал на Лазаров за Германците да дојдат до +3 предност (10:7).

Раул Гонзалес ја смирува играта на нашата репрезентација, а Ристовски со две одбрани не одржува во „живот“ на 12:9, а Талески и Кире до крајот на полувремето ја намалуваат германската разлика.

Во второто полувреме, Македонија покажа дека има игра да парира на противникот, а конечно се „разбуди“ и Дејан Манасков, кој со два гола носи 19:16 предност за Македонија. Германскиот состав успеа да израмни и на десетина минути пред крајот повторно да ги доведе во водство (21:20).

Во играта гол-по-гол, младите македонски репрезентативци покажаа фатнастична смиреност. На две минути пред крајот, Талески, кој покрај Ристовски е дефинитивно најдобриот играч на натпреварот, израмнува на 25:25. Борко во следниот напад одбранува за фантастична предност, но Стоилов на другата страна го наоѓа само голманот Хајнфетер.

Scroll to Top