Top Sport

Фудбал против тенис: кој е победник на Вимблдон?

Фудбалот е за народот, тенисот е за аристократијата, беа зборовите на англискиот колега кои ми ги кажа на мојот прв Вимблдон во живо во 2019 година. Или, со англискиот класен јазик кажано, аристократијата е posh (благородна, нобл), а народот е Hoi polloi, или небањана маса, како го превел овој старогрчки збор англискиот благородник и писател, лордот Едвард Булвер Литон.
1.
Оваа сабота, судбината на најбрутален начин си поигра со вљубениците во спортот, но и овозможи да се спроведе експеримент во реални услови за тоа колку има виситина во зборовите на англискиот новинар.
Во саботата, во ист ден и во исто време се играше четвртфиналето на Европското првенство во фудбал и осминафиналето на Вимблдон. Во терминот кога во Дизелдорф играше Англија против Швајцарија, на Централниот терен најдобриот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ се натпреваруваше против Австралиецот Алексеј Попирин.
Со денови порано се подготвував и го очекував овој термин за да видам дали и колку таа општествена класна поделба постои и во спортот. Дали терените на Вимблдон ќе бидат празни, и сите ќе гледаат фудбал.
2.
Денот започна поразително за организаторот на турнирот. Меѓутоа, слабата посетеност на тенискиот комплекс не беше условена затоа што тој ден играше Англија, туку зашто во Лондон, па и на Вимблдон, беше ужасно лошо времето: дожд, проследен со силен ветер и температура од 12 степени. Помнам многу потопли денови во декември отколку што беа на тој 6. јули 2024.
Сепак, како се наближуваше почетокот на натпреварот на Ѓоковиќ, така и времето се подобруваше, за конечно да се појави и сонце. И, Вимблдон одеднаш да се исполни со посетители. Од каде за миг се појавија сите тие луѓе, веднаш штом сонцето се појави, и каде исчезнуваат во моментот кога ќе заврне дожд и се прекинат тениските мечеви, ми е нерешлива мистерија. Како да се народот Врили, од истоимениот роман на спомнатиот лорд Литон, луѓе кои живеат под земја и повремено излегуваат на површин, за повторно да се вратат назат во подземјето.
Англија во Дизелдорф веќе го играше второто полувреме, кога Новак Ѓоковиќ го започна својот натпревар пред полниот со публика Централен терен.

3.
Значи ова е таа аристократија, за која е наменет тенисот и која му го препуштила фудбалот на обичниот свет? Делумно е точно, односно беше точно сè до моментот кога Англија со победоносниот пенал не ја победи Швајцарија. Во тој миг, пропишаниот код на дискретно однесување на Вимблдон, беше целосно урнисан: силна ерупција од радост и воодушевување и гласна прослава на пласманот на Англија во полуфиналето ја наруши сабласната тишина на огромниот тениски терен.
Во прв момент тоа ги изненади и Новак и Алексеј, кои кога сфатија која е причината за прекинот на нивниот меч, направија и мал гег, со тоа што Новак симулираше како шутира пенал, а Алексеј брани. Тоа саботно попладне, на Вимблдон, барем виртуелно, се играше фудбал, додека публиката на мобилен преку лајв скор го следеше резултатот во Дизелдорф.
Значи, 1-0 за фудбалот во мечот против тенисот. Барем, за сега.

4.
Сепак, овој прекин на тенискиот натпревар поради галама не беше и единствениот. Некои десетина минути пред прославата на победата на Англија, во најтивкиот момент кој може да се „слушне“ на Вимблдон, а тоа е секогаш кога тенисерот се подготвува да сервира – на стадионот се слушна експлозија(?!). Многу погласна од истрел на куршум, како да беше детонација на бомба.
Што беше тоа? Во неколкуте секунди, во кои Ѓоковиќ го фрли топчето високо во воздух и заедно со публиката очекуваше да почне да паѓа кон неговиот рекет, некој, токму во тој момент, решил да отвори шише со шампањско. Да, во тие драматични моменти на сервирање, летањето на чеп од шампањ беше причината за гласната експлозија.
Дел од традицијата на Вимблдон е и на трибините да се пие шампањско. И тоа е манир на секој добро воспитан џентламен, и сон на секоја дама: за време на паузата, партнерот да отиде да купи шише шампањско од 130-тина евра и го донесе во кофа полна со лед и две тенки и долгнавести чаши. Кога се игра машкото финале, не се знае дали повеќе пукаат чепови во паузите или асови додека се игра.
Да, Вимблдон е тенис, но и повеќе од тоа: тој е стил на живеење, култура на однесување, ритуал на славење на убавината на постоењето. Хедонизам и егоизам со еден збор.
На фудбалските стадиони се пие пиво од пластични чаши, а на листата на гастрономското мени се семки, сончоглед, кикирики и чипс. На Вимблдон се јадат јагоди со шлаг.
Со тоа, резултатот фудбал вс. тенис, се израмнува 1-1. Не поради изборот на пијалокот и храната, туку што многу често на стадионите полните пластични чаши со пиво завршуваат по главите и телата на фудбалерите и судиите.

5.
Кога е во прашање кодот на однсеување, тука тенисот е супериорен во однос на фудбалот. Како кај публиката, така и кај играчите. Џентламенството е нешто до што многу се држи на тенисот. Најголемиот испад – да му се свирне на тенисерот за кој не се навива пред да сервира, многу често се санкционира со отстранување на непристојниот гледач. И, новинарите, за време на целиот турнир постојано се предупредуваат дека нивно навивање и поддршка на играчите е неприфатливо и може да биде казнето со одземање на акредитацијата. Конечно, код на однесување имаат и самите тенисери, нешто на што тешко му се прилагодуваше на почетокот од кариерата Новак Ѓоковиќ, за, со годините, да доживее таква трансформација и денес да изгледа како да е роден и израснат меѓу таа аристократија.
Фудбалер и отмено однесување – барем за најголемиот дел од нив, не одат во иста реченица. За тениската аристократија се подразбира витештвото и џентламенството да се заштитното обележје за сите кои гравитираат кон овој спорт, за фудбалските фанови е прифатливо, па и пожелно, „неконвенционалното“ однесување на нивните ѕвезди.
Прашање на вкусови е, така што тука не би се одредувал и бодувал.
6.
Освен кодот на однесување, во тенисот постои и код на облекување. Познато е дека тенисерите на Вимблдон можат да настапуваат само во бела облека. Тој дрес код во многу е пренесен и на публиката, така што елегантно костимирани мажи во бели сакоа и жени во пастелни колорити на тоалетни фустани можат да се видат во голем број на Вимблдон. Особено во машкото финале, кое не е само тениско финале, туку и ексклузивен општествен настан.
Жени – дами, во тоалети со шешири на глава и мажи, со стил на денди во бел костум, наспроти распарталени фудбалски навивачи, соблечени и до пола голи, како псујат, гестикулативно се држат за полов орган и фрлаат со пластични чаши пиво кон теренот… Сори, 2-1 за тенисот.
7.
Монархизмот и ројалити спектаклот е составен дел за тениската аристократија на Вимблдон. За волја на вистината, оваа сабота, кралевското семејство беше присутно и во Дизелдорф, каде англиската репрезентација беше бодрена од Принцот Вилијам. Во исто време, на вимблдонската трибина, позната како „ројал бокс“, изброив повеќе од 40 припадници на сината крв кои го следат тенискиот натпревар. На крај, и Кејт, Принцезата од Велс, е покровител на турнирот и таа традиционално го доделува пехарот на победникот на Вимблдон. Кај фудбалерите, тоа се претседателите на ФИФА и УЕФА; на листата биле и Сеп Блатер и Мишел Платини, осомничени за големи коруптивни скандали. Иако и актуелниов Александар Чеферин не се брендира како некој кој е алергичен на мирисот и бојата на парите.
Сепак, и во оваа категорија би останал неутрален, бидејќи и тоа како има траги на крв и на златната круна на британското кралство, а и денес многумина на Островот се противат на кралското семејство годишно да му се доделуваат од буџетот две милијарди фунти, само за тоа што неколку пати во годината ќе се појават на балконот на Бекингемската палата и ќе им мафнат со раката на своите поданици. Оние небањаните, кои го полнат буџетот.
8.
Тука и би го завршил оценувањето. Би му дал мала преднос на тенисот над фудбалот. Но, тоа е само моја субјективна преференција. Во светот во кој што живееме сè е подредено на неговото величество профитот и парите. Па, и за оваа оценка заклучокот би бил она златно правило на маркетингот дека секој производ си има свој купувач, само треба успешно да му се продаде приказната. А, наративот е различен, еден е за тениската аристократија, друг е за фудбалскиот плебс. Меѓутоа, и во двата наративи, задоволството на оние кои ги осмислуваат е големо: направен е профит, земени ѝ се пари на публиката.
Редок е оној фудбалер, кој за две недели играње ќе добие 3,2 милиони евра, награда колку што ќе добијат оваа година победниците во машка и женска категорија на Вимблдон. Меѓутоа, квантиетот на богати фудбалери е далеку поброен од тенисери. Тоа најубаво го објасни Новак Ѓоковиќ на прес конференцијата на денот кога играше Англија против Швајцарија:
„Тенисот е трет најпопуларен спорт во светот, после фудбалот и кошарката. Но, тенисот е на девето место на листата на сите спортови во однос колку успешно ја користи неговата популарност за тоа да го комерцијализира и капитализира“.
Гледано низ призма на корпоративниот капитализам, чиј дел е и спортот, илустративно опишан, фудбалот повеќе наликува на Амазон или Али Експрес: масовна продажба на производи со сомнителен квалитет од но неим брендови, запакуван во рециклирани картонски кутии; додека Вимблдон е како стоковната куќа Хародс: луксузна колоритна кутија со панделка на врвот, во која имате брендирана роба.
Меѓутоа, ако немате пари нема да можете ни да бидете дел од тие наративи, односно ви останува само да гледате во излогот и на екранот. А, на него ќе видите како богатата фудбалска публика е дел и од аристократијата, а на сиромашниот вљубеник во тенисот му останува само да биде припадник на обичниот плебс.

Од специјалниот известувач од Вимблдон,
Ненад Живановски

Scroll to Top