Правната комисија на Професионалната фудбалска лига (LFP) му наложи на Пари Сен Жермен да му плати 55 милиони на Килијан Мбапе за неисплатени плати во април, мај и јуни оваа година.
Комитетот во пресудата сметаше дека не е во ред ПСЖ да не го плати својот поранешен играч врз основа на договорот склучен на 21 мај 2022 година.
Рокот за исплата на 25-годишниот напаѓач на Реал Мадрид е осум дена, пренесува Лекип.
ЛФП е надлежен орган за двете највисоки рангови во францускиот фудбал – Лига 1 и Лига 2. Пред да ја донесе оваа одлука, нејзината правна комисија предложи ПСЖ и Мбапе да се согласат на посредување.
Францускиот репрезентативец во меѓувреме го одби тој предлог, па правната комисија ја донесе оваа одлука врз основа на споменатиот договор, игнорирајќи ги тврдењата на клубот за устен договор со Мбапе пред да замине во шпанската престолнина без паричен надомест.