Top Sport

Брендон Хартли ќе се трка на Американското ГП

Новозеланѓанецот Брендон Хартли ќе се трка за тимот на Торо росо на следната Ф1 трка, Американското ГП, потврдија од италијанскиот тим.

Торо росо се најдоа во незгодна ситуација да им недостасува еден возач, откако се согласија да го пуштат предвреме Карлос Саинс јуниор во Рено, а нивниот втор возач на последните две трки, младиот Французин Пјер Гасли ќе се натпреварува во Јапонија за титулата во Супер Формула шампионатот. Со ова тие останаа само со Русинот Данил Квјат во тимот.

Хартли тестираше за Торо росо во 2009 година, по што настапуваше во повеќе категории, како Формула Рено 3.5 и ГП2 серијата, а последните три години настапува во Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ), каде што во 2015 година ја освои титулата со Марк Вебер и Тимо Бернхард. Во јуни оваа година тој победи на престижната трка 24 часа Ле Ман.

„Чувството е фантастично. Шансата дојде како вистинско изненадување, но никогаш не се откажав од сонот од детството да настапувам во Формула 1. Пораснав како возач од деновите кога бев резервен возач на Торо росо и Ред бул и им благодарам за оваа шанса. Остин е патека која навистина ја сакам, но не сакам да очекувам премногу за да не биде разочарувањето поголемо“, вели Хартли.

Scroll to Top