Top Sport

Вилијамс ќе ги објават возачите по Нова година

Тимот на Вилијамс ќе почека до 2018 година пред да соопшти кој ќе биде партнер на канадскиот тинејџер Ленс Строл следната сезона. Портпаролката на тимот потврди дека нема да има вести пред јануари околу заменикот на Фелипе Маса.

Русинот Сергеј Сироткин се промовираше во прв кандидат за местото, откако претходно се сметаше дека тоа е совршена шанса за кам-бек на полскиот ветеран Роберт Кубица. Вилијамс најавија дека нивната одлука ќе биде базирана на перформанси, иако медиумите шпекулираат дека спонзорите ќе бидат одлучувачки.

22-годишниот Сироткин, кој оваа година беше возач за развој на тимот на Рено, има силна финансиска поддршка од рускиот милијардер Борис Ротенберг и неговиот „СМП рејсинг“. Братот на Ротенберг, Аркадиј е близок пријател и поранешен џудо-партнер на рускиот претседател Владимир Путин. Покрај парите, Русинот импресионираше на тестирањето во Абу Даби.

Кубица пак, беше сметан за иден шампион пред рели-несреќата во 2011 да му донесе сериозна повреда на десната рака, и иако имаше сомнежи дека тој не може да се трка, ги помина одлично сите тестирања со Вилијамс и со Рено. Тој го ангажираше поранешниот шампион Нико Розберг како менаџер во обид да се врати во спортот.

Scroll to Top