Еден месец по дологоочекуваниот трансфер од Ливерпул во Барселона, Бразилецот Филип Кутињо вели дека сега сфатил што значи животот во славниот каталонски тим.

Откако ја надмина повредата на бутниот мускул, Кутињо имаше шест настапи за Барселона, постигнувајќи еден гол, а по пет сезони во Ливерпул, 25-годишниот Бразилец знае што е различно меѓу двата тима, и тоа нема многу да им се допадне на фановите на „Црвените“.

„Многу е подобро да се игра покрај толку големи играчи. Секој тим има свој начин на игра, и уште го учам начинот на Барселона, но го давам мојот максимум“, изјави Кутињо за шпанскиот „Спорт“.

Тој беше запрашан и за разликата меѓу Јирген Клоп и Ернесто Валверде и работата под нив.

„Па, двајцата се доста различни. Имаат сопствен начин на работа и поинакви искуство. Играчите се навистина многу добри и тоа се гледа на тренинзите, на мечевите. Го знаев тоа и пред да дојдам, но интересно е да се гледа како се работи со нив. Ми помогна приемот во соблекувалната, бидејќи е неочекувано мирно“, вели Кутињо.