Top Sport

Руди Гарсија се потсмева со ПСЖ: Имаат 222 милиони на лекар

Тренерот на Олимпик Марсеј, Руди Гарсија се потсмеваше со Пари Сен-Жермен и нивната политика на трансфери и зависноста на тимот од Нејмар, пред нивната нова пресметка во Францускиот куп во среда на „Паркот на принцовите“.

ПСЖ ги победија Марсеј со 3:0 во неделата во лигашки натпревар, кој беше во сенка со повредата на стапалото на Нејмар. Гарсија вели дека неговиот ривал Унаи Емери има доволно играчи во нападот, но посочи дека ПСЖ со рекордниот трансфер на Нејмар го оставиле тимот слаб на други позиции.

„Ако го нема Нејмар, тука е Анхел ди Марија. Ќе видиме дали ќе игра Килијан Мбапе или Единсон Кавани бидејќи ги чека Реал Мадрид. Ова е тим изграден за Лигата на шампиони. Ако не ја освојат тогаш нема да бидат успешни. Инвестираа 400 милиони евра, вклучувајќи ги тие 222 милиони кои се кај физиотерапевтот“, вели Гарсија.

Нетрпеливоста меѓу двата тима отиде дотаму што играчот од средниот ред на Марсеј, Дмитри Паје изјави дека сакал да го повреди Нејмар, пред тој навистина да се повреди во дуелот со Буна Сар. Уште еден играч на Марсеј, Адил Рами не сакаше да оди дотаму.

„Не знам дали медиумите зборуваат само за Нејмар. Кога ќе стигнам дома, јас вклучувам ’Плејстешјн’. И без него ПСЖ ќе бидат силен тим, но не смееме да славиме несреќа на некој играч“, објасни Рами.

Scroll to Top