Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, изјавил дека многу ги цени квалитетите на Фелипе Кутињо, но дека шпекулациите околу неговото враќање на „Енфилд“ немаат врска со вистината.
Фелипе Кутињо, во јануари 2018 година, реши да го напушти Ливерпул. Клубот од неговиот трансфер во Барслеона заработи 145 милиони фунти. Во новиот клуб тој не игра на очекуваното ниво поради што гласни се шпекулациите дека тој ќе го напушти „Ноу Камп“.
Еден од клубовите со кои се поврзува Бразилецот е и Ливерпул.
„Го сакам Фелипе, тој е фантастичен фудбалер и сето то е в ред, но неговото ангажирање би било премногу скапо, а ние тоа оваа година не можеме да си го дозволиме. Без сомнение тој би бил засилување за секоја екипа, меѓутоа враќањето кај нас едноставно не е можно“, рекол Клоп.
Бразилецот има договор со Барселона до јуни 2023 година. Минатата сезона на 54 натпревари забележал 11 гола и пет асистенции.