Жозе Мурињо го спореди своето ривалство со менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер како славното тениско ривалство меѓу Џон Мекинро и Бјорн Борг, но додаде дека саботното дерби не е меч кој Јунајтед мора да го добие.
Манчестер јунајтед заостанува осум поени пред градските ривали Манчестер сити и Мурињо вели дека оди чекор-по-чекор, инспириран од гледањето на филмот „Борг-Мекинро“ за вечното ривалство.
Швеѓанецот Борг беше смирен тенисер, додека Џон Мекинро беше познат по своето избувнување на тениските терени и тие играа 14 пати од 1978 до 1981 година, остварувајќи по седум победи. Најпознатиот меч е финалето на Вимблдон во 1980 година, прво за Мекинро, а Борг одеше на петта титула. Во еден од најпознатите тениски мечеви, Борг стигна до победа во петтиот сет.
„Јас играм натпревар по натпревар. Вчера го гледав интересниот филм за Борг и Мекинро и се сеќавам дека тренерот на Борг му порачуваше: ‘поен по поен, мисли само на еден поен’. Јас им го кажувам истото на моите фудбалери. Ова е само еден натпревар, тоа е Арсенал, и не мислиме колку сме пред Арсенал или зад лидерите. Доволно е да се фокусираме само на Арсенал“, вели Мурињо.
Запрашан дали тој се гледа како Борг во старото ривалство со Венгер, Мурињо кратко одговори: „Го сакам тенисот, но не играм тенис“.
Фотомонтажата е дело на британскиот „Дејли мејл“.