Лионел Меси „интервенирал“ во сагата околу потенцијалниот трансфер на Нејмар, откако директно му се јавил на Бразилецот да го убеди да не заминува во Реал Мадрид, туку од ПСЖ да се врати во Барселона, јавуваат шпанските медиуми.
Нејмар повторно е прва тема во летниот преоден рок и многумина очекуваат тој да направи спектакуларен кам-бек на „Ноу Камп“, меѓутоа ПСЖ би преферирале да го продадат на Реал Мадрид, кои нудат подобри финансиски услови.
Според „Марка“, Меси самиот се вклучил во преговарањата бидејќи не сака да се соочи против својот поранешен соиграч во „Ел класико“ следната сезона. Аргентинецот уште е близок пријател со Нејмар, откако заедно во Барса освоија две титули од Ла лига, една од Копа дел реј и една од Лигата на шампионите.
Меси беше човекот кој го убедуваше Бразилецот да остане во Барса пред две години, но не успеа. И покрај доаѓањето на Антоан Гризман за 120 милиони евра, Меси би сакал да се засилат со Нејмар и да ја вратат титулата од Лигата на шампионите.