Фелипе Кутињо го стави својот потпис на договорот со Баерн Михен. Бразилецот оваа сезона ќе ја мине како позајмен играч во германскиот великан, а веќе се знае дека во новиот клуб ќе ја носи „десетката“.
Баерн на Барселона за едно годишната позајмица на Кутињо ќе и плати 8,5 милиони евра, а по завршувањето на сезоната Баварците ќе можат да го откупат договорот на Бразилецот за 120 милиони евра. Важно за Барселона е што ослободи 12 милиони евра во платниот список колку што Бразилецот заработуваше на годишно ниво.
„Барселона сака јавно да му се заблагодари на Кутињо за неговата посветеност кон клубот и му посакува успех во понатамошната кариера“, стои во соопштението на клубот од „Ноу Камп“.
Кутињо не успеа да се наметне во Барселона откако клубот во јануари 2018 година на Ливерпул им платија 160 милиони евра. Статистиката вели дека Кутињо одиграл 75 натпревари за Барселона на кои забележал 21 гол и 11 асистенции. Два пати ја освоил Ла Лига и по еднаш Купот на Кралот и Суперкупот на Шпанија.