Поранешниот шеф на Милан и Баерн Минхен, Карло Анчелоти призна дека добил понуда од Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) да стане заменик на Џампјеро Вентура како италијански селектор, но дека повеќе преферира работа во клуб.
Италијанскиот фудбал е во „хаос“ откако минатиот месец „аѕурите“ не успеаја да ја минат Шведска во баражот за пласман на СП, за првпат од 1958 година да не се пласираат на еден Мундијал. Покрај Вентура, беше сменет и претседателот на ФИГЦ, Карло Тавекио, а името на Анчелоти беше еден од тие за кои се веруваше дека достојно ќе го претставуваат италијанскиот фудбал.
Тој, сепак, не е заинтересиран да биде селектор, иако даде совет Серија А да се намали на 18 тимови како што беше до 2003/04.
„ФИГЦ контактираа со мене и јас зборував со нив. Им кажав што сум почестен што толку луѓе сакаат јас да бидам селектор, меѓутоа, тоа не работа за мене засега. Да се работи како селектор е целосно различно од работењето во клуб. Италијанскиот фудбал исто така има одредени проблеми кои мораат да се решат. Има конфликт на интересите меѓу клубовите и федерацијата, како што има и во Германија, Франција и Англија, но сега е потребно федерацијата да ја преземе контролата и да воведе нови правила. На пример, Серија А ќе биде далеку посилна лига ако се намали бројот на тимови од 20 на 18, и сигурен сум дека постојат тимови кои се подготвени да гласаат за тоа“, вели Анчелоти во интервју за „Ла доменика спортива“.
Тој исто така зборуваше за отпуштањето од Баерн Минхен и му даде совет на новиот тренер на Милан, Џенаро Гатузо: „Подобро е да си заминеш држејќи се за своите идеи“.
„Многу работи беа кажани околу Баерн од страна на играчите, претседателот и медиумите. Не сакам да се навраќам на тоа, но едноставно имаше различно мислење за методот на работа. Јас го градев тој медот долго време и нема да се менувам сега. Бидејќи има 60 натпревари годишно, мојот метод е фокусиран на квалитетот, а не на квантитетот. Наместо на тренинг да седат час и половина, подобро е бргу да се работи. Тренерите се тука да бидат виновници кога нешто не функционира. Затоа, на Џенаро ќе му порачам едно: подобро е да си заминеш држејќи се до своите идеи отколку да ги прифатиш туѓите идеи. Која и одлука да ја направиш, ако клубот не е зад тебе, тогаш си мртов“, објаснува Анчелоти.