Top Sport

За ВАР е виновна Европската Унија, вели Холовеј

Англискиот фудбалски менаџер и ТВ-коментатор Јан Холовеј стана предмет на потсмев откако тврдеше дека новото правило за играње со рака и воведувањето на ВАР-системот е вина на Европската Унија и поради тоа Велика Британија треба да заврши со излегувањето од ЕУ.

При гостување на „Скај спортс“, Холовеј зборуваше за контроверзната одлука на ВАР-системот да го поништат голот на Габриел Жесус за Манчестер сити кој ги чинеше победа против Тотенхем. Поранешниот тренер на Квинс парк ренџерс и Плајмут тврди дека новото правило по кое ако по секое играње со рака, дури и случајно, се постигне гол тој треба да биде поништен е доволна причина да се замине од ЕУ.

„Треба да се тргне тоа правило бидејќи нема смисла. Најважно е да се биде јасен и очигледен. Мислам дека некои луѓе ни кажуваат што треба да правиме со фудбалот и тоа мора да биде сопрено. Се надевам дека ќе излеземе од ЕУ, бидејќи гласавме за тоа и никој не треба да ни кажува какви се фудбалските правила“, вели Холовеј.

Секако, ЕУ  и „брегзит“ немаат никаква врска во фудбалот, и ЕУ нема никакво влијание во утврдувањето на правилата на фудбалската игра, туку тоа го прави Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ).

Scroll to Top