Борис Бекер и Срѓан Ѓоковиќ, таткото на освојувачот на 16 гренд слем титули, порано тврдеа дека Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер се „лажни пријатели“, а сега откако ждрепката за САД опен ги смести во иста половина (односно ќе можат да се сретнат во полуфиналето), Србинот вели дека нема проблеми со швајцарскиот освојувач на 20 гренд слема.
Работите се иксомпликуваа оваа година, откако Федерер, заедно со Рафаел Надал реши да се врати во советот на играчи на АТП, каде што Ѓоковиќ е претседател, што многумина го прокоментираа како „политичка“ битка на двајцата тенисери.
„Имаме многу добар однос и се почитуваме. Океј, не сме пријатели и не вечераме заедно, но сме колеги и ривали. Тешко е да бидеш пријател кога се натпреваруваш на терените“, изјави Ѓоковиќ.
Тој исто така вели дека дискусиите за најдобар тенисер на сите времиња се беспредметни.
„Не можете да го споредувате тенисот сега и пред 50 години. Лејвер, Мекинро, Конорс, Лендл… Тие играа со дрвени рекети и тоа беше целосно поинаков тенис. Којзнае колку би биле добри тие тенисери денеска“, вели Србинот.