Капитенот на Јувентус, Џорџо Кјелини во својата кариера има видено многу, но вели дека новиот тренер на италијанскиот шампион, Маурицио Сари менува „дел од ДНК-та на нашиот тим“.
Кјелини го постигна единствениот гол во 1:0 победата над Парма за старт на сезоната со тим во кој ги немаше новите засилувања во стартните 11 освен Гонзало Игуаин, кој се врати по позајмицата во Милан и Челси. Сари исто така не беше присутен на „Енио Тардини“ бидејќи се опоравува од пневмонијата.
„Среќни сме со резултатот и со нашиот приод кон мечот, и се надеваме дека ќе стане полесно кога ќе добиеме на физичка форма. Сари ни недостасуваше повеќе на тренинзите отколку во овие 90 минути. Мислам дека тренерот треба да биде горд, бидејќи покажавме дека сме обединети како тим и ќе стануваме подобри. Нашиот тим има големи шампиони, но имаше многу промени и сакаме да го кренеме нивото, да смениме дел од нашата ДНК. Работиме со ентузијазам под Сари“, вели Кјелини.
Тој исто така имаше порака и до Пауло Дибала, кој повторно го поврзуваат шпекулации со заминување од Торино.
„Пауло тренираше добро и секако, не е среќен што беше на клупата, но на нашата клупа има многу шампиони и големи имиња. Пауло го знае тоа многу добро“, вели Кјелини.