Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ имаше совршен старт на настапите на последниот гренд слем од сезоната, САД опен во Њујорк, откако во три сета со 6:4/6:1/6:4 го победи Шпанецот Роберто Карбалјес-Баења.
Во првиот меч во кариерата против 76-рангираниот Шпанец, Ѓоковиќ експресно ги освои првите два сета, за потоа рутински да го донесе мечот до крај и да обезбеди второ коло, каде што ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Американецот Сем Квереј и Аргентинецот Хуан Игнасио Лондеро.
Петтиот носител, Русинот Данил Медведев, кој ова лето покажа дека може да се бори со најдобрите имаше уште порутинска 6:4/6:1/6:2 победа над Индиецот Праџнеш Гунесваран.
23-годишниот Медведев, кој има низа од три финалиња на АТП турнејата (и една титула) победи за само 85 минути и сега ќе игра или со Јужнокореецот Квон Сун-Ву или со Боливиецот Уго Делиен.
Во исто време, понижувачки пораз доживеа Чехот Томаш Бердих, кој загуби со 6:1/2:6/6:4/6:4 од 18-годишниот Американец Џенсон Бруксби, кој е единствениот домашен тенисер кој се пласираше во главната ждрепка преку квалификациите.
Бердих, кој во 2012 година играше во полуфиналето на Флешинг Медоуз, се мачи со повредите последните две сезони и неодамна призна дека му е многу тешко да најде мотивација за игра.
САД ОПЕН, 1.КОЛО
МАЖИ
Ѓоковиќ – Карбалјес Баења 6:4/6:1/6:4
Де Минаур – Ербер 6:4/6:2/6:7(6)/7:5
Еванс – Манарино 6:4/6:3/2:6/6:3
Медведев – Гунесваран 6:4/6:1/6:2
ЖЕНИ
Конта – Касаткина 6:1/4:6/6:2
Младенович – Кербер 7:5/0:6/6:4
Дејвис – Ларсон 7:5/6:2
Феро – Гаврилова 6:3/6:4
Јастремска – Никулеску 6:4/1:6/6:2
Хсиех- Чепелова 6:4/5:7/6:3
Саснович – Брејди 1:6/6:4/6:0
Свјонтек – Јоровиќ 6:0/6:1