Во пресрет на утрешната ждрепка со која ќе бидат одредени групите во Лигата на шампионите, Асоцијацијата на европските клубови (ЕЦА) предлага промена на форматот на ова натпреварување од 2024 година.
ЕЦА нуди формат кој на клубовите ќе им донесе повеќе пари и повеќе натпревари. Клубовите би морале да одиграат 21 натпревар за да ја освоијат титулата.
Предложениот систем изгледа вака. Во првата фаза би се натпреварувале 32 екипи поделени во четири групи. Четирите најдобри од секоја група би се пласирале во Топ 16, тимовите кои би завршиле на петтото место би имале обезбеден пласман во Лигата на шампионите во следната сезона, додека плејоф за опстанок во Лигата на шампионите би играле тимовите што ќе завршат на шестото и седмото место во групите.
Последно пласираните би продолжиле во нокаут рундата во Лига Европа.
Ваквиот систем би донел дополнителни приходи од телевизиските права, но исто така играчите би биле изложени на дополнителни напори.
Промени се предложени и за Лига Европа. И таму би се натпреварувале 32 тима, поделени во четири групи, но пласмна во Топ 16 би избориле само победниците на групите, а таму би им се придружиле и што ќе испаднат од Лигата на шампионите.
Тимовите што ќе завршат на позициите два и три во фазата по групи во Лига Европа би разигрувале за пополнување на Топ 16 фазата.
Интересен е предлогот четврт-финалистите во Лига Европа да имаат обезбедено место во наредното издание, додека полу-финалистите би добиле место во Лигата на шампионите.
Предлогот за реорганизација на Лигата на шампионите ЕЦА ќе го презентира на состанокот што треба да се одржи наредниот месец. Интересно поголем број од големите клубови се против овој предлог.