Поранешниот доктор во репрезентацијата на Колумбија, специјалист по спортска медицина, Ектор Фабио Круз жестокот го критикувал фудбалерот на Реал, Хамес Родригез. Тој порачал дека Хамес не живее спортски поради што не може да избори место во тимот на Реал.
Хамес Родригез ќе го пропушти мечот на Реал со Вилјареал поради повреда. Тој го повредил мускулот во саботата против Валјадолид (1-1). Колумбискиот лекар кој имал можност да работи со фудбалерот тврди дека повредите што го следат се последица на недоволна подготвеност.
„Момчето е растргнато, наместо да работи на подготовка на своето тело за новата сезона, тој се грижи за својот изглед, како ќе му изгледаат веѓите и фризурата. Треба да се погрижи да ја достигне најдобрата физичка подготвеност“, рекол Круз.
Овој стручњак за спортска медицина порачува дека кај фудбалерите мора да постои дисциплина и дека вистински пример за тоа како фудбалерот треба да се подготвува помеѓу две сезони е Кристијано Роналдо.
„Самодисциплината е клучна. Играч како Хамес не смее да биде незаинтересиран за подготовка. Во Реал сметаат дека сите играчи се професионалци и сметаат дека тие ќе бидат подготвени. Хамес тоа го нема во главата, не се подготвува. Тој повеќе месеци е надвор од теренот, оди од забава на забава, како тој тогаш ќе биде подготвен да игра?“, дополнил Круз.
Тој го критикувал Хамес дека и по светското првенство во Русија, кое го заврши со повреда и по Копа Америка, заминал на одмор и на плажа. Порачал дека за да ја избегне повредата на листот мора да ги зајакне сите делови на телото препоните, колковите, стомачните мускули…