Top Sport

Полицијата имаше работа – 30 уапсени пред мечот Баерн-ПСЖ

Центарот на Минхен во понеделникот навечер бил вистинско воено поле, откако 60-тина навивачи на Баерн Минхен и на Пари Сен-Жермен имале жестока пресметка, а полицијата уапсила 30-тина луѓе.

Според германските медиуми, главниот инцидент се случил во близината на железничката станица во Минхен, по што еден француски навивач бил задржан во болница со повреди на главата, а тројца навивачи на Баерн добиле обвиненија за напад.

Францускиот „Л’Екип“ јавува дека германската полиција ќе има засилен надзор над 3.800 навивачи на Париз кои пристигнаа во Баварија. Германската и француската полиција соработуваат за да се избегнат инциденти од 500-те члена на „Колектиф Ултра Пари“ (ЦУП) и новата група „Карсуд“, која се одвои од ултрас групата пред неколку месеци.

Баерн и ПСЖ се среќаваат вечерва на „Алијанц арената“, во меч со малку значење, бидејќи двата тима се веќе во осминафиналето. Сепак, Баерн ќе брка победа од 4:0 за да го „грабне“ првото место од францускиот тим, по 3:0 поразот во септември во Париз.

 

Scroll to Top