Претседателот на Барселона, Жосеп Марија Бартомеу вели дека актуелните шпански шампиони нема да направат нов обид да го добијат Нејмар во јануарскиот преоден рок, откако направиле „сѐ што е можно“ да го донесат во текот на летото.
„Сагата“ околу Нејмар заврши така што тој остана на „Паркот на принцовите“, а шпекулациите од Франција велеа дека ПСЖ направиле невозможна ситуација за Барселона да го добие Бразилецот. Бартомеу тврди дека не ги понудиле Усман Дембеле и Иван Ракитиќ за Нејмар и ги отфрли шпекулациите дека Лионел Меси или некој друг играч влијаел на политиката на клубот.
„Нејмар не може да дојде во Барса во јануари, а во соблекувалната на Барселона не се одлучува ништо. Ние направивме сѐ што е можно да го донесеме Нејмар, но не нудевме специфични фудбалери за замена. Сите имиња ги даваа од ПСЖ. Понудивме да го позајмиме на една сезона со обврска за купување, но и други клубови преговараа со Париз. Потоа, Нејмар побара само да се зборува со Барса. Тој го направи тоа што требаше, но оваа година ќе игра за ПСЖ“, вели Бартомеу.