Легендарниот италијански тренер Марчело Липи и легендарниот шкотски тренер Сер Алекс Фергусон имаа кариери од неколку децении во кои двајцата изградија „братски однос“, вели италијанскиот стратег.
„Да, тој ми беше речиси како брат. Секогаш разменувавме подароци кога ќе се сретневме. Јас ќе му донесев џандујоти (чоколади) од Торино за неговите внуци, но тој секогаш сам ги јадеше“, открива Липи во интервју за „Дејли мејл“.
71-годишниот Липи се потсетува на дуелите на Јувентус и Манчестер јунајтед, и вели дека секогаш постоела огромна меѓусебна почит, но и заедничка љубов кон виното.
„Јас му праќав добро вино од мојата Тоскана, а тој ми праќаше Матриошка, руско вино, но и виски ’Макалан’ од 1971. Треба да му се јавам да ми прати уште една кутија. Тој беше заљубен во виното ’Тињо’. Виното се викаше всушност ’Тињанело’, но тој беше сигурен дека јас грешам. Имаше шанса да станам тренер на Тотенхем, но за мене Јуве беше истото како Манчестер јунајтед за Фергусон – уникатен клуб кој го сакав до смрт. Исто така не зборував добро англиски и затоа одбив. Но, ниту Фергусон не зборуваше добро англиски бидејќи е Шкотланѓанец“, додава Липи.
Тој открива дека му завидувал на Фергусон за еден фудбалер – капитенот Рој Кин.
„Го сакав Рој Кин. Беше блиску до трансфер во Јувентус, но не се договоривме. Исто така го сакав Пол Сколс, ми се допаѓаше неговата игра. Оле Гунар Солскјер беше добар фудбалер и се надевам дека ќе стане и добар тренер, бидејќи тоа го заслужува“, додава Липи.