Top Sport

Атлетико ќе загубат 30 милиони евра со настапот во „срање“ Лигата на Европа

Атлетико Мадрид минатата година заработи 60 милиони евра од настапите во Лигата на шампионите, додека оваа година ќе добијат само 16.2 милиони евра од ЛШ, плус дополнителни пари од настапот во Лигата на Европа.

„Лос рохибланкос“ излетаа од елитното натпреварување во вторникот, откако одиграа само 1:1 против Челси на „Стемфорд Бриџ“, што не беше доволно за пласман во осминафиналето, откако Рома со 1:0 го совлада Карабаг и ги уништи сите надежи за квалификации. Ова е првпат „јорганџиите“ да пропуштат пласман во осминафинале на ЛШ во последните осум години и финансиската „шлаканица“ ќе биде значителна.

Оваа година Атлетико за настапите во натпреварите по групи ќе добие 12.7 милиони евра плус бонуси – 500.000 евра за нерешено (двапати против Карабаг, против Рома во Италија и против Челси), и 1.500.000 евра за победата (овојпат само против Рома на Ванда Метрополитано). На оваа сума треба да се додадат парите од продадените билети, како и настапите во Лигата на Европа, но проценката е дека сумата ќе биде за 30 милиони евра помалку од минатата сезона.

Атлетико ги освои трофеите од ЛЕ во 2010 и 2012 година, но оттогаш апетитите пораснаа, и сигурно не беше планот на спектакуларниот „Ванда Метрополитано“ да се игра „второлигашкиот“ европски фудбал.

Минатиот месец нивниот капитен Габи беше запрашан за враќање во Лигата на Европа, по што искрено одговори: „Во моментов, Лигата на Европа е вистинско ‘срање’“.

Тренерот Диего Симеоне беше попозитивен околу „новото“ искуство.

„Пред нас имаме нов предизвик и мораме да го искористиме. Сè што е лошо на крајот може да испадне добро. Имаме возбудлива сезона пред нас и имаме иста одговорност кога го носиле дресот на Атлетико“, објаснува Симеоне.

Атлетико беа на секунди од титула од Лигата на шампионите во 2014 против градските ривали Реал Мадрид, но загубија со 4:1 во продолжението, додека во 2016 година загубија од Реал на пенали. Лани играа во полуфиналето, и повторно загубија од Реал Мадрид.

 

Scroll to Top