Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели добива нов мандат на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА), збирот на елитните европски клубови и сега главната цел е да ги убеди лидерите да прифатат кратење на најдобрите лиги на 18 клубови.
43-годишниот член на угледното и моќно семејство Ањели доби мандат до 2023 година на организацијата која ги штити интересите на најбогатите клубови во Европа.
„Почестен сум што повторно сум избран да ја водам оваа организација во следните четири години и се надевам дека ќе ја оправдам довербата. Сега сме во одлична позиција да се донесат одлуки за добра иднина на фудбалот во Европа. Со лидерите на клубовите кои ќе седат со мене на извршниот одбор во следните месеци ќе дадеме идеи за иднината на фудбалот“, изјави Ањели.
ЕЦА и Ањели веќе го дадоа предлогот за европски натпреварувања во три лиги кои ќе ги заменат Лигата на шампионите и Лига Европа, но тој беше отфрлен од лидерите на големите лиги. Според „Л’Екип“, Ањели планира да го зголеми бројот на европски натпревари и затоа најдобро решение е елитните лиги да бидат ограничени на 18 клубови.
„Тоа што го чувме од клубовите, јасно покажува дека е потребна реформа на натпреварувањата и повеќе европски мечеви за развојот на светскиот фудбал севкупно. Ќе влеземе во втората фаза на консултации“, додава Ањели.