Top Sport

Меси: Игуаин е клучен за Аргентина

Лионел Меси застана во одбрана на напаѓачот на Јувентус, Гонзало Игуаин и неговите критичари во аргентинската репрезентација, инсистирајќи дека популарниот „Пипита“ заслужува да биде во тимот за СП во Русија.

Игуаин е центарот на фрустрации во неговата татковина поради слабите перформанси на претходното СП и во двете финалиња во Копа Америка, трите големи порази за аргентинската репрезентација. Оттогаш тој има само еден настап во тимот на Хорхе Сампаоли и уште не е јасно дали ќе биде во тимот на „Албиселесте“ за Мундијалот. Капитенот Меси е сигурен дека таму му е местото.

„Пипа страдаше од многу критики и зборувавме за тоа повеќе пати. Мислам дека паузата од националниот дрес му дојде добро и сега ги гледа работите поинаку. Тој мора да биде во тимот бидејќи е клучен играч за нас, еден од најдобрите напаѓачи на светот и секогаш го покажувал тоа“, вели Меси во интервју за „ТиЦ спортс“.

Меси потпиша обнова на договорот со Барселона до јуни 2021 година, кога ќе има 34 години, и иако неколку пати изјавуваше дека би сакал да игра за својот клуб од детството Њуелс олд бојс, признава дека ситуацијата во Аргентина го обесхрабрува да го врати семејството таму.

„Мојот сон е да играм за Њуелс, но не сум сигурен дали ќе се оствари, делумно поради ситуацијата во мојата земја. Имам семејство и моите деца се на прво место. Сакам да живеат во мир, и да имаат безбеден живот. Страшно е да се гледа што се случува во Аргентина – излегуваш на улица и те убиваат за малку пари“, додава Меси.

Scroll to Top