Интер и Јувентус очигледно рано ја почнаа „војната со зборови“ оваа сезона, откако тренерот на Интер, Антонио Конте му порача на Маурицио Сари да се „смири, бидејќи сега тој е на моќната страна“.
Интер го совлада Удинезе со 1:0 за да го заддржи својот стоотстотен учинок оваа сезона и дојде на два поени пред Јувентус, кои одиграа 0:0 со Фиорентина, по што Сари коментираше дека не било лесно да се игра на жештината на пладне во Фиренца, каде што се повредија Даглас Коста, Миралем Пјаниќ и Данило.
Конте одговори со насмевка.
„Не сакам да кажувам нешто, бидејќи тогаш јас ќе треба да почнам да се жалам на сметките и финансиските ресурси. Некој треба да го смири, бидејќи тој сега е на моќната страна“, одговори Конте.
Ова беше враќање на ситуацијата пред две години, кога Сари, тогаш со Наполи се бореше со Јувентус за титулата, но коментираше дека Јувентус секогаш играат по неговиот тим, што според него беше не-фер предност. Сари, исто така, коментираше дека Наполи не може да се натпреварува со Јуве поради финансиската сила на клубот од Торино. Сега, вакви изговори не се можни.