Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде не можеше да најде доволно пофални зборови за тинејџерската сензација Ансу Фати, кој во саботата имаше клучна улога во 5:2 победата над Валенсија, откако имаше гол и асистенција за само седум минути.
16-годишниот Фати, кој го имаше дебито во Ла лига, го искористи отсуството на Лионел Меси, за фантастична партија покрај Антоан Гризман и Карлес Перез во нападот, постигнувајќи гол по само две минути игра, а потоа му асистираше на Френки де Јонг за 2:0 водство во првите 10 минути. Валверде вели дека и тој е изненаден.
„Не е лесно да се игра за Барселона, а посебно кога некој е толку млад како Ансу Фати. Не е нормално тој да постигне гол во првиот обид, да има асистенција во вториот. Ќе останеме смирени, ќе дозволиме тој да се запознае самиот себеси и да сфати дека е компликувано. Фудбалерот го заслужува своето место на теренот, тука нема тајни и мистерии. Ансу има голем потенцијал, тоа е сигурно“, вели Валверде.
Секако, ова деби веднаш донесе споредби со Меси, кој исто како Фати дебитираше во првиот тим на Барселона пред да наполни 18 години. Валверде вели дека тимот ќе се обиде да ја намали „бучавата“.
„Не ми е грижа ако Ансу Фати го споредуваат со Меси. Знаеме дека сега ќе почне да се дуе балонот, но ќе го издишиме за да го заштитиме фудбалерот“, додава Валверде.