Атлетико Мадрид, во саботата во Сан Себастијан, го доживеа првиот пораз во новата сезона. Реал Сосиедад славеа над „јорганџиите“ 2-0, но проблем за Атлетико е што на тој меч се повреди голманот Јан Облак.
Словенецот, за кого Икер Касилјас вели дека во моментов е најдобар голман во светот, се повреди во моментот кога Начи Монреал го постигна вториот гол.
На неговото место влезе искусниот Антонио Адан, кој веројатно ќе го брани голот на Атлетико и утре против Јувентус, во првото коло во Лигата на шампионите.
Мала утеха за Атлетико и тренерот Диего Симеоне може да биде и информацијата од Италија дека и Јувентус нема да бидат комплетни. Во Мадрид сигурно нема да игра Даглас Кошта, а голема е веројатноста мечот да го пропушти и Миралем Пјаниќ.