Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп влезе во одбрана на својот капитен, Џордан Хендерсон, инсистирајќи дека играчот од средниот ред ја има „најтешката работа“ во светот на фудбалот – да го наследи Стивен Џерард.
Дел од фановите на Ливерпул не беа задоволни од перформансите на англискиот интернационалец, и неговото отстуство при 7:0 победата над Спартак во Лигата на шампионите во средата само го зголеми тој впечаток. Но, Клоп инсистира дека Хендерсон го заслужил капитенското место и треба да биде третиран со почит.
„Живеам во овој град и понекогаш ги слушам разговорите. Да се биде капитен на Ливерпул е најтешката работа во фудбалот, бидејќи тој што претходно ја носеше лентата беше Стивен Џерард. Извинете, тој престана со фудбалот, не можеме да го вратиме. Сакам сите да го почитуваат Џордан Хендерсон, бидејќи тој е нашиот капитен и бидејќи го заслужи тоа место. Тоа не значи дека мора да игра на сите натпревари. Разговорите од типот ’Џордан не играше, затоа Ливерпул победи со 7:0’ се ср.ње. Толку од мене“, изјави Клоп.