Top Sport

Пакјао и Мекгрегор почнуваат преговори?

Филипинскиот боксерски херој Мани Пакјао потврди дека почнал со преговори за боксерски меч со ММА ѕвездата Конор Мекгрегор во април, кога ќе има „пауза“ од неговата улога на сенатор на Филипините.

„Ако можеме да го договориме, јас немам проблем да влезам во рингот со него. Почнавме да разговараме, но уште ништо не е договорено“, изјави Пакјао кога беше запрашан за можен дуел со Мекгрегор, кој го имаше своето боксерско деби против еден од старите ривали на Пакјао, Флојд Мејведер Јуниор во август.

Уште минатиот месец, Пакјао најави меч со Мекгрегор, праќајќи порака до него на Твитер со пораката: „Остани фит, пријателу! Боксерски меч 2018“.

Пакјао, кој следниот месец ќе наполни 39 години ја загуби ВБО титулата во велтер категорија во изненадувачки пораз од Австралиецот Џеф Хорн во јули. Мекгрегор нема меч од поразот од Мејведер во 10. рунда со технички нокаут во мега-дуелот во август.

Како и Мекгрегор, осумкратниот светски шампион Пакјао загуби од Мејведер во разочарувачкиот „меч на векот“ во Лас Вегас во 2015 година.

Scroll to Top