„Мадрилењо“ дербито помеѓу Атлетико и Реал заврши без победник 0:0. Тактичката борба помеѓу тренерите Диего Симеоне и Зинедин Зидан придонесе фудбалските фанови да бидат сведоци на лош натпревар.
Дербито во раната фаза од првенството придонесе двата тима да влезат без ризик. Атлетико и Реал беа речиси израмнети во поседот на топката, а за 90 минути само Бензема имаше вистинска шанса за гол. Во 73 минута напаѓачот на Реал со глава упати удар кој голманот на Атлетико Јан Облак со краен напор успеа да го одбрани.
Домашните најдобрата шанса ја имаа на самиот почеток, во седмата минута, кога Жоао Феликс шутираше крај голот. Младиот Португалец имаше уште еден обид, но и тој заврши крај голот.
Реал во првиот дел најсериозно се закани преку Крос, но Облак неговиот удар го одби во корнер.
По овој натпревар Реал останаа непоразени и се на 15 бода, еден повеќе од Атлетико.