На „Сан Сиро“ се можни нови потреси, откако Милан вчера го загуби четвртиот натпревар во само шест кола во Серија А, одбележувајќи го најлошиот старт на една сезона во последните 81 години. Последен пат „росонерите“ загубиле четири од своите први шест натпревари во Серија А во далечната 1938/39, а тоа се случило само уште еднаш во историјата на клубот во 1930/31.
Сега, според италијанските медиуми, можно е доколку тимот на Марко Џампаоло не успее да победи на гости кај Џенова во сабота, тој да биде сменет по само седум натпревари, откако тимот се „заглави“ на 16. место.
Според „Тутомеркато“, Милан веќе контактирале со својот поранешен играч, а сега селектор на Украина, Андриј Шевченко, но консензусот е Џампаоло да добие уште еден натпревар да ја спаси својата работа. 43-годишниот Шевченко е на клупата на Украина од 2016 година, а има договор со националната федерација до јули 2020. Тој двапати играше во Милан – од 1999 до 2006 и како позајмен фудбалер од Челси во 2008/09.
Милан ја почнаа сезоната со 1:0 пораз од Удинезе, но се вратија за победи против Бреша и Верона, исто така со минимални 1:0. Но, сега имаат три порази во низа – во градското дерби од Интер, против Торино и вчерашниот 3:1 пораз од Фиорентина.
Џампаоло призна дека неговиот тим подлегнал во притисок, но ги бранеше своите методи.
„Секако дека ја преземам одговорноста, но одам напред бидејќи верувам во моите идеи. Денеска ме нервираше тоа што тимот изгледаше како да дојде на ’Сан Сиро’ без да има ниту еден заеднички тренинг. Можеме да загубиме, но не вака. До пред три дена ми се допаѓаше залагањето на фудбалерите, но сега притисокот го направи своето“, изјави Џампаоло.
Нова „хаварија“ на Милан – Фиорентина го освои „Сан Сиро“ (видео)