Интер синоќа доживеа пораз од Барселона иако на полувремето имаше предност. Двата гола на Луис Суарез во 58 и 84 минута ѝ ја однесоа на Барса првата победа сезонава во Лигата на шампионите.
Екипата на Антонио Конте има еден бод по првите две кола и тешка задача да избори пласман во нокаут-фазата.
Тренерот на Интер по мечот го истакнал незадоволството од судењето на Дамир Скомина и неговите помошници.
„По еден ваков меч слободно можам да кажам дека заслуживме повеќе. Ја ставивме Барса на вистински тест. Моравме подобро да ги искористиме нашите шанси“, рекол Конте и дополнил.
„Не сум задоволен бидејќи некои работи се одвиваа како по сценарио. Од почетокот имаше работи што не ми се допаднаа. Имав лошо чувство. Судијата влијаеше врз развојот на настаните“.
Конте поради протестите доби и жолт картон во финишот на мечот.
„Ме предупреди дека за секој нареден протест ќе ми додели жолт картон. На нивните дресови пишува ‘респект’, а јас само тоа и го барав од нив. Судиите мора да ги почитуваат екипите кои во Барселона доаѓаат да играат фудбал. Почитта мора да биде взаемна, но дома носам горчлив вкус бидејќи морам да го коментирам судењето“, заклучил Конте.
Интер во наредното коло ќе играат против Борусија Дортмунд.