Холандскиот селектор Роналд Куман во својот договор со националната федерација има клаузула која му дозволува веднаш да си замине доколку Барселона го повика, иако има договор до СП во 2022 година.
Куман имаше 264 настапи во шест сезони на „Ноу Камп“ во својата блескава кариера и никогаш не ја криел желбата еден ден да се врати во клубот со кој освои 10 титули, вклучувајќи ја и европската титула во 1992 година на „Вембли“, кога го постигна победничкиот гол против Сампдорија.
56-годишниот Куман две години беше асистент на Луис ван Гал од 1998 до 2000, а потоа беше тренер во Бенфика, Валенсија, ПСВ Ајндховен и Евертон, пред да потпише четирииполгодишен договор со Холандија во февруари 2018.
„Се надеваме дека ќе соработуваме долго време, бидејќи работите одат добро, но Роналд честопати кажувал дека сака да биде тренер на Барселона. Успехот со Холандија ќе му помогне, но се надевам не наскоро“, изјави директорот за фудбал на Холандската федерација, Нико-Јан Хогма.