Реал Мадрид ќе се обидат да донесат двајца големи таленти што е можно побргу – Англичанецот Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд и Норвежанецот Ерлинг Халанд од Ред бул Салцбург, јавува шпанскиот „Ел десмарк“.
Санчо имаше фантастичен напредок во играта откако замина од Манчестер сити во Борусија Дортмунд за само 8 милиони фунти во 2017 година. 19-годишниот Англичанец имаше 12 гола и 14 асистенции во сезоната 2018/19, добивајќи повик од англискиот селектор Герет Саутгејт, додека Халанд има 19 гола во само 16 меча оваа сезона. За двајцата фудбалери интерес пројавија Манчестер јунајтед и други англиски клубови.
Од друга страна, Санчо беше отсутен од тимот на тренерот Лусиен Фавр при саботната 1:0 победа над Борусија Менхенгладбах, наводно поради тоа што тој задоцнил со враќањето од репрезентативните обврски.
„Нема да го коментирам тоа, бидејќи се работи за дисциплинска мерка. Утре е нов ден. Тоа е тоа, останува внатре во клубот“, изјави Фавр.