Дики Бортвик, кого англиските медиуми го нарекуваат најстариот фудбалер на светот, следниот месец ќе го прослави својот 84. роденден и е во потрага по нов клуб.
„Мислам дека можам да одиграм солидни 90 минути. Ќе дадам 100 отсто. Цврст сум како камен, добро граден, немам страв и имам вистинска љубов кон фудбалот. Секој ден работам во својата градина на подобрување на шутот“, вели Бортвик во интервју за „Спорт бајбл“.
Бортвик е пензиониран инженер од Вејмут на југот на Англија и вели дека единствено што му недостасува е клуб, откако претходниот ветерански клуб се затворил.
„Ми недостасува клуб, многу. Имаше еден друг клуб за ветерани, но тие не се вистински ветерани туку луѓе по 35-40 години“, вели Бортвик.
Вечен навивач на Манчестер јунајтед, Бортвик има над 1.600 настапи во 72-годишната кариера. Во младоста играл за шкотските клубови Рос Каунти и Инвергордон таун, пред да се пресели во Дорсет, каде што има настапи за 11 клубови од ниските лиги, од кои последен во Портланд таун. Тој има прекар „Тенк“, но и 400 запишани голови. Која е тајната?
„Не јадам ѓубре. Се обидувам да имам добра, здрава исхрана бидејќи не можеш да играш фудбал кога изгледаш како буре пиво. Секако, одам на пиво-две секој викенд, но не пијам секој ден“, објаснува Дики.