Ден по 156. „вечно“ дерби на српскиот фудбал, медиумите во соседството откриваат што точно се случувало на јужна трибина на стадионот на Партизан. Сликите од хаосот на трибината ја обиколија планетата и ја згрозија фудбалската јавност.
Првично, по инцидентот и интервенцијата на специјалната полициска единица, беа лиферувани информации дека навивачи на Црвена звезда се инфилтрирале на ривалската трибина за да вратат некои свои знамиња кои им биле одземени во претходна тепачка.
Сепак, вистината е поинаква и станува збор за борба за власт на јужна трибина на стадионот на Партизан, онаму каде што натпреварите ги следат „гробарите“.
Според српските медиуми, сè уште неименувана навивачка група (се шпекулира дека се работи за групата „Вандал бојс“ од Нов Белград) се обидела да ја преземе контролата врз јужната трибина со која владее навивачката група „Алкатраз“.
Тие, неочекувано со запалени факели го почнале нападот врз ривалите, во истовреме тепајќи ги сите што им стоеле на патот. Но, кога поминал првиот шок, „Алкатраз“ се реорганизирале и тргнале во контраудар. Поддршка добиле и од „неутралните“ хулигани кои мислеле дека на нивната трибина навистина има навивачи на Црвена звезда.
Хулиганите кои ги покренаа хаосот беа сурово казнети, добија жесток ќотек, некои се здобиле со изгореници од факелите, речиси сите биле соблечени, некои и целосно, а потоа биле исфрлени на атлетската патека.
Во моментот кога целиот стадион бил фокусиран на големиот број факели кои на северната трибина ги запалија навивачите на Црвена звезда.
Во целиот тој хаос имало 19 повредени, кои биле хоспитализирани и сите тие се надвор од животна опасност.
Борбите за превласт на јужната трибина помеѓу навивачите на Партизан траат со децении, од распадот на поранешната држава, а судирите меѓу ривалските фракции најчесто ескалираат на трибината за време на дуелите со Црвена звезда.