„Естадио Сантијаго Бернабеу“ денеска го прославува својот 70-ти роденден – на 14 декември 1947 година се одржа првиот официјален меч на стадионот, дуелот меѓу Мадрид и актуелниот португалски шампион, Белененсес.
Тогаш, стадионот беше познат под името „Нуево Чармартин“, додека актуелното име го доби во јануари 1955 година во знак на благодарност на претседателот на клубот, кој беше одговорен за градењето на прекрасниот стадион.
Пред мечот, двајцата директори на клубот беа заедно на миса во црква, по што имаа заеднички ручек. Иако стадионот не го носеше неговото име, Сантијаго Бернабеу доби биста пред отварањето на стадионот.
Бернабеу сфати дека стариот дом на Реал, „Чамартин“ не ги задоволува условите за игра, и уште во ноември 1943 година ја посети локацијата на која ќе „никне“ новиот стадион. Изградбата започна во 1945 година, а беше комплетирана во 1947 година, и тогаш чинеше 37 милиони пезети, финансирани преку заем од „Банко меркантил е индустриал“.
Изградбата беше дело на двајца архитекти – Луис Алемани Солер и Мануел Муњоз Монастерио, кои искористија 5.000 тони цемент и 1 тон челик. Второто и третото ниво на стадионот беше комплетирано во 1954 година, со што стадионот доби капацитет од 125.000.
Во 1982 година стадионот беше реновиран пред Светското првенство во 1982 година, кога беа инсталирани седишта за 90.000 гледачи, а беше додаден и покрив на 3/4 од трибините. Во последно време има малку интервенции на стариот стадион – додавање на кули за итен излез во четирите агли, промена на претседателскиот балкон и воведување на систем за греење.