Масимилијано Мирабели, спортскиот директор на Милан, го обвини агентот на Џанлуиџи Донарума, Мино Рајола дека „измислува“ работи, откако тинејџерот на голот на „росонерите“ доби навреди во мечот со Верона во средата.
Милан не реагираше кога Рајола најави прекинување на договорот на 18-годишниот Донарума поради „етичко вознемирување“, но по реакцијата на навивачите и солзите на тинејџерот, Мирабели реши да реагира.
„Џиџио никогаш не појавил желба да замине од Милан. Нема сомнеж дека некој измислува работи намерно, но ќе го заштитиме клубот, но и Џиџио. Нема закажано состанок со Рајола. Донарума има договор до 2021 година и нема што друго да зборуваме. На почетокот можеби ситуацијата беше смешна, но сега стана сериозна“, вели Мирабели.
Милан би му дозволил на Донарума да замине само ако тој побара такво нешто.
„За да се случи тоа, Џиџио ќе треба да дојде кај нас и да побара, и тогаш ние ќе ги одредиме условите. Но, вака има некој кој предизвикува штета на клубот и на нашиот имиџ“, додава Мирабели.
Поддршка за Донарума дојде и од тренерот, Џенаро Гатузо, кој само пред неколку дена имаше бесна реакција кон него.
„Тој е 18-годишно дете, секако дека му пречеше. Можам само да му заблагодарам за тоа што го прави. За неговите години, тој е најдобриот голман на светот. Јас сум тренер на Милан, така што можам да зборувам за момчето, за спортистот, не за други работи. Зборувам со Џиџио секој ден и не знам што се случува зад сцените. Го пресликуваат како чудовиште и тоа не го заслужува. За среќа, имаше само 9.000 луѓе на стадионот, замислете што ќе беше со 50 илјади кои го навредуваат“, објаснува Гатузо.
Донарума не издржа, се расплака по навивачките навреди (Видео)