Светот на спортот доживеа уште една голема промена откако во понеделникот играњето на шипка официјално стана спорт. Најзаслужна за ваквиот епилог е Кејти Коутс, која во изминатите 11 години се бореше оваа дисциплина да добие статус на спорт.
Оваа 41-годишна Британка, која е претседател на Меѓународната федерација (ИПСФ), ја оствари својата првична цел со порака дека тука нема да застане туку ќе почне нова борба, односно играњето на шипка да стане олимписки спорт.
Коутс својата битка ја почнала во 2006 година кога според сопственото признание сфатила дека оваа дисциплина мора да се издигне над статусот кои го имала во тоа време. За да докаже дека играњето на шипка е уметност за која се потребни часови и часов тренинг, преку петиција успеала да собере 10.000 потписи.
Меѓународната федерација (ИПСФ) е основана во 2009 година кога Коутс е избрана за претседателка. Три години подоцна, во време кога се одржуваа Олимписките игри во Лондон, во англиската престолнина се одржа Светското првенство во играње на шипка.
Од оваа организација сакале да покажат дека ова е спорт кој еден ден ќе биде дел од олимпиското семејство.
„Го смисливме правилата, системот на бодување, а дури имаме и наш допинг-систем, односно сè што е поврзано со спортот, на пример фудбалот. Во последните три години имавме анти-допинг контроли, а оваа година првпат Светската анти-допинг агенција (ВАДА) ги тестираше нашите спортисти. Никој не падна на допинг-тестот“, рекла Коутс.
За да стане олимписки спорт играњето на шипка мора да има Сојузи во најмалку 40 држави на најмалку четири континенти. н.ц.