Ракометарите на Вардар в сабота ги очекува нов предизвик во Лигата на шампионите. Противник на европскиот првак во „Јане Сандански“ ќе му биде најдобриот полски клуб, Виве Кјлеце.
Вардар во минатата рунда забележа победа над Мешков Брест со која го врати мирот во клубот по катастрофалните порази од Кил и Веспрем и смената на тренерот.
Вардар во натпреварот ќе влезе од втората позиција на табелата, црвено-црните имаат осум бода, еден повеќе од Виве Кјелце и Монпелје.
Она што загрижува пред натпреварот е здравствениот билтен. Неколкумина ракометари се повредени и нивниот настап е неизвесен. Павел Атман и Сергеј Горпишин не играа против Мешков Брест, Сегеј Горбок се уште не се рехабилитирал, Хозе Толедо би можел да настапи, а Даинис Криштопанс има повреа на скочниот зглоб.
Кадровски проблеми има и тренерот на Кјлеце, Талант Душебаев, но јасно е дека полскиот тим ќе го предводат на теренот поранешните играчи на Вардар Алекс Душебаев и Игор Карачиќ.
„Со репрезентацијата неколку пати сум играл против Кара, но сега ќе биде поинаку. На крај некој ќе плаче, се надевам дека тоа ќе биде тој“, изјави низ шега капитенот на Вардар Стојанче Стоилов на прес-конференцијата што клубот ја организираше во пресрет на натпреварот.
Дуелот Вардар-Кјелце в сабота ќе започне во 17.30 часот.